21.8 C
Skopje
понеделник, 14 јули 2025

Јаник Синер е новиот тениски крал на Вимблдон

Јаник Синер испиша историја и за прв пат триумфираше на Вимблдон. Во големото финале, Синер со 3:1 во сетови го победи најголемиот ривал, Карлос Алкарас, кој впрочем беше и бранител на тронот, но Шпанецот не успеа.

Во првиот сет Синер имаше предност од 4:2, но потоа Алкарас го одигра својот најдобар тенис во финалето. Шпанецот на фантастичен начин се врати во игра и освои четири гема по ред за да го добие првиот сет со 6:4.

Сепак, Синер не се разочара по расплетот во првиот сет, туку напротив. Италијанецот заигра многу подобро и уште на стартот направи брејк, а потоа до крајот на сетот беше сигурен на свој сервис, па стигна до 6:4 и израмни на 1:1 во сетови.

Очигледно дека третиот сет беше решавачки за финалето. Двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, се до 4:4. Потоа Алкарас сервираше, а Синер успеа првата брејк топка што ја имаше да ја претвори во водство од 5:4, а потоа го доби својот сервис за 6:4, па Италијанецот поведе со 2:1 во сетови.

Во четвртиот сет Синер направи брејк и потоа поведе со 3:1 во гемови, a Алкарас имаше шанса да врати со брејк, но пропушти две шанси на 5:3. Синер покажа дека е и физички и ментално подготвен да стигне до својот прв трофеј на Вимблдон, добивајќи го четвртиот сет со 6:4.

Алкарас со поразот во финалето не успеа да стане третиот тенисер по Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ што успеал да освои три титули по ред на Вимблдон во 21 век.

- Оглас -

Најнови вести