Женската фудбалска репрезентација на Јапонија убедливо со 4:0 ја победи Шпанија во меч од третото коло во групата Ц на Светското првенство кое се игра во Австралија и Нов Зеланд. Со оваа победа Јапонките на убедлив начин го освоија првото место со максимални девет бода и гол-разлика од 11 дадени и ниту еден примен гол.
Интересно е дека и Шпанија немаше ниту еден примен гол до пред овој меч и беше со максимални шест бода, а Црвената фурија ја имаше и улогата на фаворит против Јапонија. Сепак, ситуацијата на теренот беше поинаква.
Јапонките беа фокусирани на одбрана и тактиката беше да ја искористат својата брзина. Тоа се покажа како одлична тактика затоа што во првото полурвеме Шпанија доминираше на теренот, а Јапонија преку три брзи контранапади успеа да постигне три гола, и тоа во 12-тата, 29-тата и 40-тата минута. Трите гола од првото полувреме може да ги погледнете ТУКА, ТУКА и ТУКА.
Во второто полувреме ништо не се промени на теренот. Шпанија напаѓаше, а Јапонија одлично се бранеше, а во 82-рата минута азиската селекција постигна и четврт погодок за потврда на убедливата победа.
На крајот од овој дуел статистиката беше нереална. Јапонија, која даде четири гола, имаше само 23 отсто посед на топката во текот на сите 90 минути и не изведе ниту еден корнер. Од друга страна, Шпанија, која имаше 77 отсто посед на топка, упати дури 10 шута, од кои само два беа во рамките на голот на противникот, а џабе беа и трите корнери кои ги изведе.
На остантите мечеви на СП во фудбал беа постигнати следните резултати: Костарика – Замбија 1:3, Ирска – Нигерија 0:0, Канада – Австралија 0:4.