Победата на Македонија против Германија, и тоа во Дуисбург, за многумина е фудбалско чудо. Нашите фудбалски херои успеаја да ѝ го нанесат само третиот пораз на Германија на домашен терен во историјата на едни мундијалски квалификации.
Легендарните напаѓачи Јирген Клинсман и Алесандро дел Пјеро беа дел од една емисија во која дадоа свој коментар за тоа што се случи на теренот на стадионот во Дуисбург. Клинсман има искуство и како селектор на Германија и многу добро знае каков е менталитетот на репрезентативците на оваа земја.
„Реализацијата е проблем. Против Романија создадоа 6-7 шанси, а постигнаа еден гол. Тоа беше знак дека нешто не е во ред. Поразот од Македонија е неприфатлив, но едноставно се случи. Оваа селекција на Германија има квалитет, но не е доволно само тоа, потребно е и агресивност и желба. Против Македонија направија неколку грешки и противникот тоа го казни. Македонија заслужено победи и комплименти за нивната игра“, вели Клинсман, кој додаде дека е добро што натпреварот се играл без гледачи.
„Добро е што немаше гледачи, затоа што светска велесила како Германија да загуби дома од Македонија, сигурно ќе имаше свирежи за играта и за домашните играчи. За фудбалерите сега е подобро да се скријат, да поседат дома неколку дена, пред да излезат надвор до продавница затоа што сигурно ќе бидат цел на критики. Ова беше голем кикс. Сигурно и играчите се гневни, но треба да се извлече поука од овој пораз“, вели Клинсман.
И некогашната голема ѕвезда наЈувентус, Алесандро дел Пјеро имаше пофални зборови за македонската репрезентација.
„Честитки за Македонија. Успеаја и заслужија да победат. На вистински начин влегоа во мечот и заслужено победија. На секој меч треба да се биде сконцентриран 100 отсто, затоа што ако не е така, може да се загуби. Во квалификациите дозволено е да се направи кикс, но сега мора да бидат перфектни“, вели Дел Пјеро.