Јокиќ го доби шампионскиот прстен, па со трипл-дабл ги растури ЛА лејкерс (Видео)

Кошаркарите на Денвер нагетс предводени од Никола Јокиќ во новата сезона продолжија таму каде што застанаа во минатата. Шампионот Денвер на отворањето на новата сезона со 119:107 го совлада ЛА лејкерс во меч во кој блескаше Јокиќ со трипл-дабл.

Пред мечот, на свечена церемонија на кошаркарите на Денвер им беа доделени шампионските прстени, а потоа беше кренато шампионското знаме, по што Јокиќ стапи на сцена.

Ѕвездата на Денвер само во првото полувреме постигна 19 поени, а неговиот Денвер имаше предност од девет поени (63:54). Во третата четвртина, додека Јокиќ одмораше, Лејкерси предводени од Џејмс намалија на минус три, но со враќањето во игра на српскиот кошаркар, работите дојдоа на место и Денвер сезоната ја отвори со победа.

Јокиќ уште на првиот меч во новата сезона оствари трипл-дабл од 29 поени, 13 скока и 11 асистенции и стана петтиот кошаркар кој повеќе од една сезона имал трипл-дабл на првиот меч. Пред него такво нешто им успеало само на Оскар Робертсон, Меџик Џонсон, Џејсон Кид и Расел Вестбрук.

Џамал Мареј со 21 поен и Кентавиус Колдвел-Поуп со 20 поени беа одлични за Денвер, додека кај Денвер се истакнаа Леброн Џејмс со 21, Тарон Принс со 18 и Ентони Дејвис со 17 поени.

Во вториот меч, Феникс санс како гостин славеше со 108:104 против Голден стејт вориорс. Девин Букер со 32 поени и осум асистенции беше најпрецизен кај Сонцата, каде што се истакна и Кевин Дурант со 18 поени и 10 скока, додека кај Воините најдобар беше Стеф Кари со 27 поени.

- Оглас -

Најнови вести