Денвер нагетс славеше во 90:86 во мајсторката против Сан Антонио спарс за пласман во втората рунда од плејофот во НБА лигата. Франшизата од Колорадо за првпат по една деценија успеа да се пласира во конференциско полуфинале на Западот, а таму ги чека тимот на Портланд трејлблејзерс.
Иако имаше мал број на поени, решавачкиот дуел ги оправда сите очекувања. Денвер ја имаше фаворитската улога поради домашниот терен, а Сан Антонио направи сè што беше во нивна моќ за мечот да биде неизвесен до самиот крај. Одлучија поените на Џамал Мари на 35 секунди до крајот, со кои Денвер поведе со 90:86, додека Дерозен промаши клучен шут во последниот напад на Сан Антонио.
Никола Јокиќ запиша трипл-дабл со 21 поен, 15 скока и 10 асистенции, а во својот учинок додаде и три блокади. Мари со 23 поени беше најефикасен од редовите на Денвер, а 11 поени дополни и Херис. Најрасположен играч на Сан Антонио беше Руди Геј со 21 поен, додека по 19 поени додадоа Дерозен и Форбс.
Српскиот центар по овој меч влезе во елитно друштво со Леброн Џејмс и Меџик Џонсон, како единствените тројца играчи кои запишале троен учинок во повеќе наврати во својата прва плејоф сезона. Јокиќ имаше трипл-дабл во првиот меч (10 поени, 14 скока и асистенции), а ноќеска беше поефикасен.
https://www.youtube.com/watch?v=6cCEmAisx8A
Претходно во ноќта, Торонто репторс и Филаделфија севентисиксерс ја отворија полуфиналната серија од Источната конференција, а Торонто поведе со 1-0 по победата со конечни 108:95. Каваи Ленард „експлодираше“ со 45 поени и 11 скока, аСиакам придонесе за триумфот со 29 поени. Од редовите на Сиксерс, како најефикасен се истакна Ембид со скромни 16 поени, а со 14 поени заврши Симонс.