Денвер нагетс ја прекина мини-серијата од два порази по ред и со 132:120 го совлада Сан Антонио спарс во меч во којшто доминираше Никола Јокиќ.
Центарот на Денвер мечот го заврши со 39 поени, 11 скока и девет асистенции и притоа му одржа час по кошарка на првиот избор на драфтот, Виктор Вембањама.
Дилемите околу победникот беа решени во третата четвртина, која Денвер ја доби со 35:24 и имаше предност од 23 поени.
Покрај Јокиќ, одлична партија прикажаа и Мајкл Портер јуниор со 25 поени и Џексон со 20 поени. На спротивната страна, Вембањама имаше дабл-дабл од 22 поени и 11 скока.
Феникс санс и без Кевин Дурант славеше во „Медисон сквер гарден“ против Њујорк никс со 116:113. Одлучувачката тројка ја постигна Девин Букер на 1,7 секунди до крајот. Токму Букер со 28 поени и 11 асистенции беше прво име на мечот.
Милвоки бакс успеа да надомести негатива од 26 поени во третата четвртина и да слави против Портланд трејлблејзерс со 108:102. Портланд по тројката на Џереми Грант во 27-мата минута имаше предност од 26 поени, но Милвоки предводен од Јанис Адетокумбо и Демијан Лилард, кој дојде токму од Портланд, прво до крајот на четвртината ја намали негативата на минус 11 (72:83), а во последниот период го комплетира големиот пресврт и да дојде до 12-та победа сезонава.
Одлучувачките поени ги постигна Адетокумбо на 18 секунди до крајот, а Лилард од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот. Јанис имаше дабл-дабл од 33 поени и 16 скока, а Лилард даде 31 поен. Кај Портланд, Грант беше најефикасен со 22 поени.
Резултати: Милвоки – Портланд 108:102, Бостон – Атланта 113:103, Мемфис – Минесота 97:119, Њујорк – Феникс 113:116, Орландо – Шарлот 130:117, Бруклин – Чикаго 118:109, Кливленд – Торонто 105:102, Денвер – Сан Антонио 132:120.