Фудбалерите на данскиот Митјиланд го приредија најголемото изненадување во Лигата на Европа откако со 0-1 славеа на гостувањето кај Нотингем Форест. Премиерлигашот беше голем фаворит, но иако упати дури 22 удари кон противничкиот гол, сепак, на крајот не успеа да дојде до позитивен резултат.
Единствениот гол на мечот беше дело на јужнокорејскиот интернационалец Чо Гве-Сунг во 80-тата минута.
Најубедливата победа на вечерните натпревари од осминафиналето на Лигата на Европа ја забележаа фудбалерите на Ференцварош, кои со 2-0 славеа над португалската Брага.
Според имињата на екипите, најинтересен беше дуелот на Селта Виго и Лион, но на крајот немаше победник во Галиција. Домашните дојдоа во водство преку Руеда во 25-тата минута, а Лион се спаси од пораз во 87-мата минута со голот на Ендрик.
На последниот меч Генк со минимални 1-0 славеше над Фрајбург.

