Богатата вечер во НБА-лигата ја одбележаа европски кошаркари.
Никола Јокиќ со нов трипл-дабл го предводеше Денвер до победа над Минесота од 127-115. Србинот кој сезнава има просек од 17,5 поени, 13,5 скока и 12,5 асистенции по натпревар, стана само третиот во историјата на НБА што направил трипл-дабли на првите три меча во сезоната. Пред него тоа им успеало само уште на Оскар Робертсон и Расел Вестбрук. Голем придонес од 43 поени во триумфот на Нагетс имаше Џамал Мареј.
Требаше да поминат 27 години за некој играч на Јута џез да тргне по стапките на Карл Мелоун и да постигне 50 или повеќе поени на еден меч. Финецот Лаури Марканен со 51 поен и 14 скока беше јунак на Џезерите во победата над Феникс од 138-134 извојувана по продолжение. Ова е четврта 50-ка во лигата во октомври, што е израмнување на рекордот.
Одличен старт на сезона има Сан Антонио спарс, кој првпат по 2017 година е на скор 4-0 благодарение на Виктор Вембањама. Французинот синоќа против Торонто придонесе со 24 поени, 15 скока и една блокада, што статистички му е најлоша партија од четирите сезонава, а многумина би сонувале да имаат вакви бројки.
Бруклин нетс е единствен тим со четири порази и ниедна победа. Мрежичките беа убедливо поразени од Хјустон, а за Рокетс тоа беше прв триумф сезонава.

