Фудбалерите на Ријека ја комплетираа историската сезона со освојување на шампионската титула во Хрватска, втора во историјата на клубот. Тимот од „Рујевица“ до титулата стигна покажувајќи најголема конзистентност во трката со Динамо Загреб и Хајдук Сплит.
Во Ријека настапува македонскиот репрезентативец Јован Манев, кој на последниот меч од сезоната остана на клупата за резерви.
Во последното коло од шампионатот, три тима имаа реални шанси за титулата, Ријека и Динамо со по 62 бода, но Ријека со подобар меѓусебен скор, и Хајдук со 60 бодa. Ријека мораше да слави против Славен Белупо – и тоа го стори сигурно и убедливо.
На преполната „Рујевица“ владееше еуфорија. Јанковиќ го отвори резултатот, а во второто полувреме, по груба грешка на голманот на гостите, Фрук зголеми на 2-0, ставајќи крај на сите дилеми околу титулата.
Иако Динамо Загреб и Хајдук ги добија своите натпревари – Динамо со 1-0 против Вараждин благодарение на голот на Сучиќ во 38-та минута, а Хајдук со погодок на Пукштас во 71-та минута, нивните победи беа недоволни за пресврт на табелата.
Со оваа титула, Ријека ја прекина доминацијата на Динамо Загреб, кој беше шампион на 16 од последните 17 првенства.