Јунакот Трајковски верува во ново чудо, со него и Македонија очекува нова бајка за Светско првенство

Александар Трајковски со фантастичен гол во 92-рата минута ја крена Македонија на нозе и сега фудбалската грозница кулминира, па ни останува да се надеваме во ново чудо, на 29 март против Португалија и нова сензација што ќе ни донесе прв настап на фудбалските Мундијали.

Ја урнавме големата Италија, симболично со голот на Алекс во Палермо, на стадион на кој нашиот офанзивец играше за клубот од тој град од 2015 до 2019 година.

Нова сензација во финалниот бараж на „Драгао“ за четири дена ќе донесе нова експлозија од радост на една мала земја, а кога јунакот од Палермо верува, тогаш сите веруваме во нов успех и пат за Катар.

„Уште не сум свесен, а верувам и моите соиграчи каков подвиг направивме против Италија. Искрено, многу сум среќен затоа што навистина го заслужуваме ова. И ние и цела Македонија да се радува.

Се надевам дека нема да застанеме тука бидејќи не чека уште еден тежок меч, уште една голема борба.

Искрено, со последни сили успеав да шутнам и некако како да ми беше судено да дадам таков гол за голема победа на стадион на кој играв четири години.

Сега треба добро да се одмориме и потоа добро да се подготвиме за мечот со Португалија. Имаат одлични индивидуалци, но ние пак веруваме во чудо и во нов успех против уште една силна репрезентација. Ќе излеземе на терен и верувам дека ќе покажеме дека и со нив можеме рамноправно да се носиме.

Знаеме дека ќе биде тешко, но фудбалот прави чуда, се случи и вчера и затоа фудбалот е најпопуларниот спорт. Верувам дека имаме сили да се пласираме на Светското првенство во Катар“, вели Трајковски.

Победникот од мечот во Порто на 29 март ќе игра на Светското првенство во Катар во ноември и декември оваа година.

- Оглас -

Најнови вести