Јувентус не дозволи изненадување во дуелот со Емполи, иако чекаше дури 72 минута за да постигне гол за победа над тимот кој се бори за опстанок. Моис Кин во 69 минута влезе во игра на местото на Матуиди, а само три минути подоцна, го даде единствениот гол за „старата дама“ за која не играа Кристијано Роналдо и Пауло Дибала.
После бледото прво полувреме, во вторите 45 минути фаворитот доминираше и заслужено дојде до трите бода, спречувајќи втора сензација по ред, откако во минатото коло загуби од Џенова.
Младиот Кин сезонава во своите први три шута кон противничките голови во Серија А, даде три гола, и станува миленик на фановите на италијанскиот првак, а стана и репрезентативец на Италија. Тој со 19 години и 31 ден, е најмладиот играч после Марио Балотели, со осум голови во италијанската лига. Причина за двојна радост имаше и Алекс Сандро, кој го имаше својот 100-ти настап во италијанската лига во дресот на Јуве.