Повредата бара мирување, но Роналдо најави дека ќе игра и против Ајакс во Амстердам

Настапот на Кристијано Роналдо на првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Ајакс во Амстердам е речиси невозможен, но има шанса тој да се појави на реваншот во Торино.

Најголемиот адут на Јувентус во обидот да стане европски првак се повреди синоќа во 28 минута од дуелот Португалија-Србија. Станува збор за повреда на задниот дел на бутниот мускул на десната нога. Ваквите повреди вообичаено бараат одмор најмалку две недели, а играњето е можно по три седмици.

По средбата, Роналдо истакна дека оваа повреда нема да му направи многу проблеми и верува дека ќе се врати на терените по петнаесетина дена, односно дека ќе може да игра и во првиот дуел со „копјаниците“.

„Не се грижам за повредата. Го знам моето тело, верувам дека максимум за две недели повторно ќе бидам во погон“, оптимистички најави Роналдо.

Ако се знае дека првиот дуел на Јуве со Ајакс на гости е за 15 дена, поточно на 10 април, шансите на Кристијано да игра на таа средба се минимални. Проблематично е што реваншот во Торино ќе се игра само шест дена подоцна, па прашање е дали Роналдо ќе заздрави доволно за да може да игра по 21 ден од повредата. Но, проценката на лекарите е дека можноста да игра во Торино е огромна и дека тој ќе може да му помогне на својот тим.

Ова е прва мускулна повреда на Роналдо во последните три сезони. Португалецот сезонава играше 3.136 минути.

- Оглас -

Најнови вести