Фудбалерите на Јувентус остварија важна победа во дербито од 16-тото коло на Серија А, совладувајќи ја Рома во Торино со 2-1.
Старата дама го запиша вториот голем триумф во низа, по славјето во Болоња, јасно покажувајќи значителен напредок во играта. Со овие три бода, Јуве стигна до 29 и се искачи на петтото место, само еден бод зад четвртопласираната Рома.
Јувентус одигра можеби и најдобар натпревар откако клупата ја презеде Лучијано Спалети. Иако победата можеше да биде и поубедлива, прикажаната игра ветува оптимизам за продолжението од сезоната.
Домашните целосно го контролираа првото полувреме. Голманот на Рома, Миле Свилар, неколкупати ја спасуваше својата екипа, а во 43-тата минута Франсиско Консеисао пропушти огромна шанса. Сепак, Португалецот се поправи само една минута подоцна.
По одлична тимска акција, започната токму од Консеисао, Јилдиз ги привлече дефанзивците на левата страна и со прецизно додавање го пронајде Камбијасо. Тој маестрално, со петица, од прва му врати на Консеисао, кој од седум метри со левата нога рутински погоди за 1-0.
Јуве продолжи со притисокот и во второто полувреме, а предноста ја удвои во 70-тата минута. Резервистот Жегрова нафрли од левата страна, Мекени шутираше со глава, Свилар одбрани, но топката повторно дојде до Американецот, кој асистираше за Опенда. Напаѓачот немаше тешка задача и одблиску ја смести топката во празната мрежа за 2-0.
Се чинеше дека натпреварот е решен, но Рома не се предаде. Во 76-тата минута гостите првпат сериозно се заканија и веднаш постигнаа гол преку Балданци, намалувајќи на 2-1.
Јилдиз имаше можност да ја стави точката на мечот во 80-тата минута, но неговиот удар заврши во стативата. До последниот свиреж навивачите на Јуве стравуваа, но резултатот остана непроменет и домаќините сосема заслужено ги освоија трите бода.

