Иако лекарските прегледи завршија пред неколку часа, од Јувентус нема официјална информација за тоа каква повреда има Кристијано Роналдо, кој утрово од Барселона дојде во Торино. Од Јуве молчат и тактизираат наместо да кажат колку време ќе паузира нивниот најдобар играч.
Според италијанските медиуми, кои се повикуваат на неофицијални информации, Португалецот сигурно нема да игра против Емполи в сабота и со Калјари во вторник. Потоа на Јуве му останува дерби-меч од Серија А со Милан на 6 април, кој Роналдо исто така најверојатно ќе го пропушти, а четири дена подоцна е првата пресметка со Ајакс од четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Роналдо го повреди задниот дел на бутниот мускул на десната нога на мечот Португалија-Србија, а по физиотерапијата одлучено е следната недела да му се направи нов преглед, кога дефинитивно ќе се знае дали тој ќе може да игра во Амстердам на 10 април. Самиот фудбалер рече дека нема да паузира повеќе од две недели, што би значело дека ќе се појави против Ајакс, но последниот збор ќе го имаат лекарите.