Јувентус тргнува во финална офанзива за Џејдон Санчо

Италијанскиот калчолигаш Јувентус започна сериозна офанзива за доведување на крилниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Џејдон Санчо, тврди „Скај спортс“. Според информациите од Италија, Бјанконерите имаат голем интерес за Англичанецот и веќе преговараат со Манчестер јунајтед за потенцијален договор. Истовремено ги дискутираат и условите со играчот под кои тој би потпишал за торинскиот клуб.

Се смета дека Санчо е резервна опција доколку не се реализира трансферот на Николас Гонзалес од Фиорентина. Досега се мислеше дека Аргентинецот е на чекор од трансфер во Јуве, но последните информации се дека Виолетовите нема да го пуштат играчот бидејќи не се задоволни од понудата на Јувентус.

Клубот од Фиренца бара 40 милиони евра за својот играч, додека понудата на Јувентус беше за позајмица со опција за откуп, со вкупна вредност на трансферот од околу 30 милиони евра.

Така, Јувентус повторно го насочил погледот кон Санчо, кој исто така беше поврзуван со трансфер во Торино порано летово. Потоа гласините се намалија откако играчот се смири со менаџерот Ерик тен Хаг и беше вратен во составот на Манчестер јунајтед. Но, очигледно дека Тен Хаг не смета на него како прва опција, па тоа е нов повод за Санчо да донесе одлука за заминување.

- Оглас -

Најнови вести