Есенскиот шампион во Првата фудбалска лига на Македонија, скопски Вардар, ги продолжи договорите со двајца првотимци до летото 2028 година.
„Црвено-црниот“ дрес и во иднина ќе го носат Мислав Матиќ и Георгије Јанкулов.
Хрватскиот дефанзивец во Вардар дојде пред точно една година од босанскиот Широки Брег, а иако долго се шпекулираше дека за него има интерес од Германија, сепак, и во иднина ќе го носи дресот на најтрофејниот македонски клуб.
24-годишниот десен бек, Јанкулов, имаше договор до крајот на оваа сезона, но сега и официјално ќе остане дел од „црвено-црното“ семејство и во наредните две години. Тој пристигна во Вардар минатата зима од редовите на струмичка Брера.

