Првиот човек на фудбалската конференција на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингес, на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, му предложил светските првенства да се играат на секои две години, а не на четири како досега.
На следниот состанок на Советот на ФИФА во март кој ќе се одржи во Мајами, Домингес подетално ќе го образложи предлогот. Тој смета дека економскиот бенефит од Мундијали на секои две години ќе биде голем, а со тоа ќе се отвори шанса за повеќе земји да бидат домаќини и да учествуваат на најголемиот фудбалски собир.
Инфантино најавува Глобална лига на нации и нов изглед на светското клупско првенство. Таа нова Глобална лига на нации е замислена како турнир во седум различни дивизии, со испаѓање и одење ранг погоре, и плејоф со осумте најдобри селекции. Новото светско клупско треба да има 24 тима од кои 12 би биле од Европа и веројатно нема да се игра секоја година како досега, туку на секои четири.
Европската фудбалска асоцијација, УЕФА, е против предлогот за проширено светско клупско, бидејќи го сметаат за нелојална конкуренција на неприкосновената Лига на шампиони.
На состанокот во Мајами во март, ќе треба да се донесе дефинитивна одлука и дали на СП во Катар 2022 година ќе има 32 или 48 тима.