-2.2 C
Skopje
сабота, 10 јануари 2026

Каде игра Македонија таму е Мики, хуманитарен тикет од верната поддршка на нашите спортисти

Мирослав Попоски е еден од најверните навивачи во македонскиот спорт, тој тоа го докажува со постојано присуство на спортски настани на кои играат наши спортисти, а Европското првенство во ракомет кое почнува за една недела, ќе му биде 30-то на кое ги бодрел македонските репрезентативци.

И за оваа 2026 година, популарниот Мики веќе крои планови каде би патувал. Освен во Данска на ЕП во ракомет сега во јануари, тој во март пак ќе оди до Данска, на мечот на фудбалските селекции на Данска и Македонија од баражот за Светско првенство, а во меѓувреме на почетокот на февруари ќе патува до Валенсија за да го гледа Столе Димитриевски како ќе брани против Реал Мадрид. Потоа во септември во Софија ќе се бодрат одбојкарите.

„Давам поддршка на сите македонски спортисти. Сега во Данска ќе ми биде 30-то првенство во сите спортови. Приказната почна со ракометното СП и кошаркарското ЕП во 2009. Ги гледав и младите фудбалери на ЕП во Полска, бев и на ЕП во ватерполо, дури и шах, квалификации за олимписки игри во ракомет, во сите екипни спортови. Не сум бил на првото ЕП во ракомет на кое што играше Македонија во Италија 1999 и истата година на ЕП во кошарка. Тие ми фалат. Не бев и на одбојкарските првенства, за во Финска имав билети, но фати карантин и не отидов, а на првенството во Словенија не отидов, бев болен. Планирам годинава да одам во Софија и да ги поддржиме одбојкарите“, набројува Попоски кој неодамна го прослави 50-тиот роденден.

ИДНАТА НЕДЕЛА НА АВТОБУСКО ПАТЕШЕСТВИЕ ДО ДАНСКА

Прв предизвик годинава ќе му биде патувањето до Данска на ЕП во ракомет. Мики ќе биде дел од група која дотаму ќе патува со автобус.

„Сум бил во Хернинг. Не ми е тешко, возењето во автобус ме релаксира. Екипа сме која често патува, има дружба, шеги, музика. Таму чекаме да дојдат македонски фанови од Европа, да направиме фан зона и да има добра атмосфера особено на вториот и третиот меч. Мислам дека може да изненадиме, Португалија е јака, но и ние сме добри. Не се знае никогаш“, вели Попоски.

Премија би било ако фудбалската селекција се пласира на СП, па да патува до САД и Мексико.

„Да, во март е прво Данска, па Чешка или Ирска. Дај боже ако се пласираме на СП, сигурно ќе одам во Америка“, најавува Мики.

ПО ГРЕШКА ЌЕ ГО ТЕПАЛЕ ВО ЗАГРЕБ

Најголеми радости му биле пласманот на ЕП во фудбал, победата над Италија во Палермо во баражот во 2022, победата над Србија со гол на Манасков во последна секунда со што ракометарите се пласираа во следната рунда. Интересна анегдота има и за Евробаскетот во 2011.

„Бев во првата фаза во Алитус, а потоа морав да се вратам. Не бев на историскиот меч со Литванија, во исто време бев во Загреб да гледам Динамо – Реал Мадрид. Реал даде гол во исто време кога победивме. Слушав пренос на радио, почнав да скокам од радост, а Хрватите мислеа дека се радувам на голот на Реал. Ќе ме утепаа, хахаха. Откако објаснив зошто скокам, се смирија“.

Најголеми разочарувања му биле во 2012 кога ракометарите во Гетеборг не се пласираа на Олимписки игри и поразот од Данска во Белград, како и поразот од Русија на кошаркарите во дуелот за трето место на ЕП 2011.

КОЛЕКЦИОНЕР НА СУВЕНИРИ, ШИШИЊА ПИВО, АЛБУМИ СО СЛИКИЧКИ

Инаку, тој собира сувенири од бројните патувања, а хоби му е и собирањето на шишиња со пиво.

„Колекционер сум на пива, имам 3.000 од цел свет. Само од Јапонија имам 150 пива. Истотака ги имам и сите албуми со сликички на Панини од 1974 наваму, само првиот од 1970 го немам“, вели скопјанецот роден во Гостивар.

Мики е фан на Вардар, како и на Црвена ѕвезда.

„Често одам и во Белград на мечеви од Лига Европа и кошаркарската Евролига, последен пат бев на мечот со Барса“, раскажува Мики.

Нема големо искуство со обложување, иако повремено знае да уплати тикет.

„Проблемот е што типувам навивачки, така тешко е да се добие. Памтам одамна чекав еден меч за голема добивка, а во 97-ма минута мојот тим прими гол и од тогаш поретко играм“, искрен е Попоски.

- Оглас -

Најнови вести