Националниот тим на Македонија за кошаркари до 16 години, загуби од врсниците од Шпанија со 57-61, во првото коло на Европското првенство кое се игра во италијанскиот град Удине. Статистички, најголем проблем за нашите кошаркарски таленти беше реализацијата за три поени (само две тројки од 23 обиди) и големиот број на загубени топки (21).
Од друга страна, Шпанците беа натскокани со 51-38, но тоа не беше доволно за триумф. Андреј Митревски со 18 и Теодор Симиќ со 11 поени, беа најефикасни. Двете тројки беа дело на Величковски, Хот собра девет скока, а Наков имаше пет асистенции.
Во првото полувреме кое Шпанија го доби со 36-26, нашите кадети не погодија ниту една тројка од 10 обиди, имаа и 14 загубени топки. На три минути до крај, Шпанија водеше со 57-47, по што следуваше серија од 9-0 за Македонија и драматичен финиш. „Црвената фурија“ се одбрани во следните два напади, и сепак извлече победа во пенал завршница.
Во шпанската селекција има двајца членови на Барселона, клупски колеги на македонскиот центар Теодор Симиќ. Поддршка за избраниците на селекторот Денис Дервишевиќ во салата во Удине им даде и фудбалерот на Удинезе, Илија Несторовски, кој пред мечот на младите сонародници им посака среќа.
Утре во 14.15 часот во второто коло, Македонија игра со Израел, а в недела е дуелот со Летонците, по што ќе се знае кое место ќе биде освоено во групата и кој ќе ни биде противник во осминафиналето.