Како два милиони евра „му ја спасиле кариерата“ на Кристијано Роналдо?

Кристијано Роналдо повеќе од 15 години е во врвот на светскиот фудбал. Иако веќе има 35 години, Кристијано уште е незадржлив за противничките одбрани, па на тој начин стана и првиот играч во историјата на Јувентус кој успеал да постигне гол на 10 последователни меча во Серија А.

Со игрите во дресот на Јувентус, Роналдо само го продолжува тоа што го правеше во Реал Мадрид, а претходно и во Манчестер јунајтед. Еден од ретките детали за кариерата на Роналдо кој досега не беше познат го открија од Малага. Шпанскиот клуб сакал да го доведе Роналдо во 2002 година, но парите биле препрека.

Карлос Ринкон, кој беше претседател на Малага во таа 2002 година, открива дека имал преговори со Спортинг за доведување на Роналдо, но двата тима не се договориле за сумата на трансферот.

„Нашата понуда беше 1,5 милиони евра за да го купиме Кристијано Роналдо од Спортинг. Тоа го одбија челниците на португалскиот тим и побараа 3,5 милиони евра и на тој начин не постигнавме договор. Бевме на два милиони евра од доведување на Роналдо“, открива Ринкон.

Челниците на Малага го забележале Роналдо на младинското Европско првенство во Данска во 2002 година. Кристијано се издвојувал од останатите врсници и доминирал на теренот уште во тоа време.

Една година подоцна, Роналдо направи трансфер во англискиот гигант и таму блесна пред светската јавност. Да направел трансфер во Малага, тешко дека Португалецот за толку брзо време ќе ја постигнеше светската популарност како во времето кога пристигна на „Олд Трафорд“.

 

- Оглас -

Најнови вести