Како играч двапати беше првак на Европа, може ли со Јувентус да направи чудо како тренер во ЛШ?

Андреа Пирло како играч се докажа и слободно може да се вметне како еден од најдобрите италијански фудбалери во последните неколку декади. Сега, Пирло има нов предизвик. Иако недокажан во тренерската работа, доби шанса да седне на клупата на Јувентус и да го предводи најтрофејниот италијански клуб во походот до трофејот во Лигата на шампиони.

Токму ЛШ е најголемата болка за Јувентус. Тимот кој доминира во Италија, има само две титули во Европа. Последен пат беа на тронот на Европа пред точно 25 години. Се менуваа играчи, тренери, но трофејот со „големите уши“н е пристигна во Торино. Сега, недокажаниот Пирло ја почнува својата тренерска авантура во ЛШ. Самиот Пирло вели дека е многу полесно да се биде играч, отколку тренер.

„Дефинитивно поголем е стресот кога сте на клупата. Кога сте на теренот, самите одлучувате што треба да направите со топката, а од клупата може само да го водите тимот, но фудбалерите се тие кои ги извршуваат главните функции. Затоа на тренерот му е потешко. Кога играв, имав таков стил на игра да можам да бидам директно да бидам вклучен во играта и да донесувам одлуки. Сега тоа морам да го правам од клупата“, вели Пирло.

Судбината сакаше дебито во ЛШ, Пирло да го има против Мирчеа Луческу, тренерот кој прв му даде шанса да заигра во сениорски тим како играч на Бреша.

Како играч, Пирло учеше од голем број познати тренерски имиња, но вели дека гради свој стил, но секако дека применува дел од советите кои ги слушнал во текот на годините.

„Имав среќа да соработувам со голем број познати тренерски имиња. Почнувајќи од Луческу, тој е маестро. Тука беа и Марчело Липи, Карло Анчелоти, Антонио Конте и Масимилијано Алегир. Се обидувам од сите нив да искористам тоа што е најдоброто“, додава Пирло, кој потенцира дека му се восхитува на Пеп Гвардиола со кои беа и соиграчи во Бреша.

„Гвардиола е пример за сите. Тој е еден од најдобрите. Прв од помладите тренери се реши да го „разбуди“ напаѓачкиот фудбал . Сите имаме свои идеи и треба да ги застапуваме, но Пеп е пример за сите тренери во светот“, вели Пирло, кој очекува со победа во Киев да стартува како тренер во Лигата на шампиони.

 

- Оглас -

Најнови вести