Емотивна средба во Киев – Пирло против учителот што му даде шанса да дебитира како тинејџер

Мирчеа Луческу и Андреа Пирло повторно ќе се сретнат на фудбалски меч по долга пауза, а ќе има многу емоции меѓу тренерската легенда од Романија и новиот стратег на Јувентус.

Луческу, кој има 75 години и е меѓу највозрасните тренери на тим во Лигата на шамионите, ќе се обиде да му донесе успех на Динамо Киев против Јувентус, предводен од човекот кому му даде шанса да дебитира како тинејџер во Серија А.

Во 1995 година Луческу беше тренер на Бреша и на меч против Реџина го промовираше тогаш 16-годишниот екстра талент од Флеро, Андреа Пирло.

Романецот имаше одличен инстинкт за огромниот потенцијал на Пирло и му даде шанса како тинејџер да дебитира во Серија А, а сè потоа е за во легендите и за двајцата.

Луческу е еден од најдобрите европски тренери на сите времиња и кариерата што ја почна во 1979 година како тренер на романски Корвинул сè уште трае.

Има вкупно 33 титули, а највредни се европските со Шахтар и Галатасарај, екипи што ги предводеше до пехарите во УЕФА купот и во Суперкупот на Европа.

Пирло ја искористи шансата што му ја понуди Луческу и е еден од најдобрите европски фудбалери на сите времиња. Има богата колекција клупски трофеи со Милан и Јувентус, двапати го крена и пехарот во Лигата на шампионите, а стана и светски првак со Италија на Мундијалот во 2006 година.

Андреа е на почетокот на тренерската кариера, дебито му е на клупата на најтрофејниот италијански клуб, а денеска ќе има задача да го надмудри својот поранешен тренер и еден од најтрофејните еврпоски фудбалски стратези.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести