Репрезентацијата на Република Ирска направи чудо во последните две кола од квалификациите за Светското првенство. На Ирците им беа потребни победи над Португалија и Унгарија за да го обезбедат второто место во групата и место во дополнителните квалификации, и тоа го направија.
Првиот чекор беше домашна победа над Португалија, а уште во првото полувреме постигнаа до гола за предност од 2:0, која успеаа да ја сочуваат до крајот на мечот. Стрелец на двата гола во победата над Португалија беше Трој Перот, а тоа беше само првиот дел од работата, бидејќи Ирска исто така мораше да победи на гостински терен против својот директен ривал, Унгарија, за да го обезбеди второто место.
Денеска на гостувањето кај Унгарија, Ирска губеше со 1:0, потоа и со 2:1, но на крајот стигна до победа од 3:2. Интересно е дека сите три погодоци за Ирска повторно ги постигна Перот, со тоа што победничкиот погодок беше во 90+6 минута.
Едноставно, 23-годишниот напаѓач Трој Перот ги постигна сите пет гола на Ирска во двата меча против Португалија и Унгарија и се промовираше во апсолутен херој.
„Затоа го сакаме фудбалот, бидејќи вакви работи можат да се случат… Го сакам местото од каде што доаѓам, моето семејство е тука, ова ми значи сè на светот“, рече Перот, кој по мечот со Унгарија не можеше да ги сопре солзите.
🥲🇮🇪 Troy Parrott was emotional after his hat-trick for Ireland… ❤️
“This is why we love football because things like this can happen… I love where I’m from, my family are here, this means the world to me.” (@RTEsport) pic.twitter.com/SnhbUXQD1l
— EuroFoot (@eurofootcom) November 16, 2025
Перот е 23-годишник роден во Даблин, а на 15-годишна возраст се преселил во Англија, поточно во фудбалската школа на Тотенхем. Не добил многу можности во првиот тим на Тотенхем, каде одигра само четири натпревари за лондонскиот клуб.
Од сезона во сезона одеше на позајмица во втората и третата англиска лига (Милвол, Ипсвич, МК Донс и Престон Норт Енд), пред да го проба фудбалот во првата лига во сезоната 2023/24, кога беше позајмен во холандскиот Екселсиор. За нив постигна 17 гола на 32 настапи.
Благодарение на одличните игри, тој направи трансфер во АЗ Алкмар, еден од најсилните холандски клубови, кој му плати на Тотенхем четири милиони евра за трансферот. Во својата прва сезона за АЗ, постигна 20 гола на 46 натпревари, додека оваа сезона игра феноменално. На 14 натпревари во сите натпреварувања, тој постигна 13 гола, а таа форма ја пренесе и во националниот тим, носејќи ѝ на Ирска две победи кои ќе се паметат долго време, без оглед на тоа како ќе завршат дополнителните квалификации.

