Како ќе заврши „хаосот“: Аргентина, Хрватска или Катар?

Со денешните шест меча ќе се комплетира главната групна фаза на Светското ракометно првенство во Египет. Унгарија, Шпанија и Данска мирно може да се подготвуваат за четвртфиналето, а останува една непознаница. Која селекција ќе го освои второто место во Група 2?

Дури три репрезентации се со свои калкулации и очекувања. Аргентина моментно е на посакуваното второ место со 6 бода, Хрватска има 5, а Катар е со 4 бодови и сите имаат шанси да влезат меѓу осумте најдобри. Аргентина и Катар играат меѓу себе, а Хрватска за ривал ја има Данска, која е сигурно прва.

Според коефициентите, Катар е фаворит против Аргентина, но Гаучосите беа прежалени и против Хрватска, но на крајот победија, така што сите опции се во игра за овој меч. На Јужноамериканците доволно им е да освојат бод, односно да одиграат нерешено за сигурно да бидат втори.

Во случај Катар да победи, тогаш двете селекции ќе имаат по шест бода, но Катар ќе биде подобар во меѓусебните дуели. Ако Катар победи, тогаш ќе отвори шанса и за Хрватска да се надева на второто место. Коцкестите против Данска играат два и пол часа подоцна, што значи дека ќе го знаат исходот од дуелот Катар – Аргентина и дали имаат шанси за второто место.

Ако победи Катар, тогаш Хрватска со триумф против немотивираната Данска ќе биде втора. Селекторот на Данска најави дека не му е битно каков ќе биде резултатот против Хрватска, туку дека сакаат физички добро да се подготват за четвртфиналето.

Постои и една опција каде што Хрватска, Катар и Аргентина може да завршат со по шест бода. Тоа би се случило ако Катар ја победи Аргентина, а Коцкестите одиграат нерешено против Данска. Во тој случај се прави мини табела на трите селекции и се гледа гол-разликата од нивните мечеви, а тогаш за пресметки ќе биде потребен и калкулатор.

 

- Оглас -

Најнови вести