Реал вечерва во Мадрид ја пречекува Барселона, во вечното Ел Класико, дуел кој ќе се пренесува речиси во цел свет. Само четири земји немаат откупено право за да го пренесуваат дуелот меѓу Реал и Барселона, кој може да реши многу дилеми околу шансите на двете екипи во трката за титулата.
Барселона е вториот европски гигант кој само за четири дена гостува во Мадрид. Во средата, Реал играше против Ливерпул во четвртфиналето од Лигата на шампиони. Шпанскиот весник „Марка“ пресмета дека Реал за овие четири дена, односнно дуелите против Ливерпул и Барселона, има потенцијална загуба од 15 милиони евра.
Тие 15 милиони евра се парите кои ќе ги заработеше Кралскиот клуб, доколку беше дозволено на стадионите да има навивачи. Пресметките велат дека полн стадион на дуелот против Ливерпул, ќе донесеше околу 10 милиони евра за Реал, од продадените влезници, сувенири и останати работи.
За дербито против Барселона, заработувачката од влезници, сувенири и останати работи би изнесувала пет милиони евра. За жал, поради пандемијата со Коронавирусот и забраната за влез на навивачи на стадионите, и вечерашното Ел Класико ќе биде без публика.