Цветана Пиронкова ја продолжи магичната тениска авантура на САД опен со нова победа на првиот турнир што го игра по тригодишна пауза, а веќе е во четвртфиналето во Њујорк по победата од 2:1 против Ализ Корне.
Бугарската тенисерка го забележа најдобриот резултат на американскиот гренд-слем и тоа откако токму во Њујорк со откажување на настапот во 2017 година ја прекина низата од 49 последователни настапи на гренд-слем турнирите, што е втор најдобар ефект, по тој на Јелена Јанковиќ со 51 учество по ред на четирите најценети тениски турнири.
Последен настап на Пиронкова, пред учеството на ова издание на САД опен, беше на Вимблдон во 2017 година, а потоа се породи, а и не играше извесно време поради проблеми со рамото.
Се врати во полн сјај и сега има шанса дури и за сефте гренд-слем титула, а следна пречка до исполнување на сонот за 32-годишната тенисерка од Пловдив ќе биде Серена Вилијамс.
https://twitter.com/AceForJulia/status/1303071367558987778?s=20
За Пиронкова ова е четврто четвртфинале на гренд-слем турнирите, по најголемиот успех и поразот од Звонарева во полуфиналето на Вимблдон во 2010 година,потоа уште едно четвртфинале во Лондон и пораз од Квитова и елиминацијата на Ролан Гарос во 2016 година со пораз во четвртфиналето од Саманта Стосур.
Во четвртфиналето на Флешинг Медоуз во Њујорк задутре ќе и треба нов подвиг, бидејќи меѓусебниот биланс против Серена Вилијамс и е 0:4.