Ајакс помина неверојатен пат да се најде меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Вечерва во Торино против Јувентус покажа дека не случајно го елиминира сè уште актуелниот шампион Реал Мадрид, со победата на гости ја продолжи својата бајка во Лигата на шампионите.
А сè започна од втората квалификациска рунда. Ајакс прво се соочи со Штурм Грац и во двомечот победи со вкупни 5-1. Потоа следуваше Стандард Лиеж, а „копјаниците“ и во тој двомеч постигнаа пет гола, победија со вкупен резултат од 5-2. Прилично лесна задача ги чекаше и против Динамо Киев.
Во плејоф-рундата Ајакс на домашен терен славеше со 3-1, а во возвратниот дуел во Украина одигра без голови.
Во групната фаза се соочи со Баерн Минхен, Бенфика и АЕК. Холандскиот тим од групата Е од второто место се пласира во осминафиналето, а во двомечот против Реал Мадрид направи сензација, надополнувајќи го поразот од Амстердам со 2-1 за на „Сантијаго Бернабеу“ да слави со убедливи 4-1.
По ремито од 1-1 против Јувентус во првиот меч, Ајакс во Торино направи нова сензација, па сега му преостанува да го чека подобриот од парот Тотенхем – Манчестер сити, а победникот од тој двомеч ќе се дознае утре.
„Петлите“ се во поволна позиција со минималната победа од 1-0 во Лондон.