Мексико на најдраматичниот начин се пласира во финалето на Голд купот по победата од 2-1 над Канада во второто полуфинале. Хектор Ерера ги израдува актуелните шампиони со погодокот за победа во деветтата минута од судиското надополнување и закажа ново финале против САД, односно ќе се гледа реприза од мечот за титулата од пред две години.
Мексико прво поведе со 1-0 преку пеналот на Пинеда пред крајот на првото полувреме, за кој Канаѓаните имаа одговор преку Бјуканан во 57-мата минута. Мексиканците добија шанса одново од пенал да се заканат, но овојпат Салседо промаши, па се чекаше дури до последен миг за Ерера да приреди големо славење во Хјустон.
Претходно вицешампионот САД триумфира со минимални 1-0 над Катар благодарение на голот на Зардес во 86-тата минута, па двете најтрофејни селекции во ова натпреварување на 2 август во 02:30 часот по полноќ ќе решаваат кој ќе биде новиот фудбалски владетел во Централна и Северна Америка.