Турскиот фудбалски коментатор Алпер Бакирчигил доби отказ за неверојатна работа откако во пренос на меч од Мундијалот го спомена името и презимето на Хакан Шукур, голема турска фудбалска легенда, сега во егзил и во немилост на властите во Турција.
Бакирчигил го коментираше мечот меѓу Мароко и Канада за „ТРТ“ и во еден момент инспириран од брзиот погодок на Хаким Зијех за Мароканците кажа дека тоа сепак не е најбрзиот погодок на Мундијалите и дека рекордот сè уште го држи Хакан Шукур со погодок за Турција против Јужна Кореја само по 11 секунди на СП во 2002 година.
И потоа настана вистински хаос со притисоци кон коментаторот, кој сепак издржа до полувреме и потоа веднаш бил сменет со друг коментатор.
Алпер потоа на „Твитер“ објави што му се случувало и дека добил отказ од „ТРТ“, каде што работел подолго време.
Владата во Турција под команда на Реџеп Таип Ердоган го прогласи Шукур за предавник откако тој јасно се декларираше дека е приврзаник на лидерот на опозицијата Фетулах Ѓулен.
Таканаречените ѓуленисти беа обвинети за обид за државен удар и беа прогласени за терористи и потоа и масовно затворани.
Шукур побегна во САД и живее во Њујорк, а сите почести, признанија, титули и успеси во Турција му беа поништени.