Какво фудбалско друштво – Тајван ќе им се приклучи на Белорусите, Таџикистан, Никарагва и Бурунди

Од недела, 12 април ќе почне и фудбалското првенство на Тајван, како петто што се игра на планетата. Моментно во погон се шампионатите на Белорусија, Таџикистан, Никарагва и Бурунди, па сега фудбалското семејство што нема страв од Коронавирусот ќе се прошири на пет првенства.

Викендов што следи требаше да почне и шведската лига, популарната Алсвенскан, но завчера беше донесена одлука сепак мечевите од првото коло, или стартот на шампионатот да се пролонгира на одредено вереме, најверојатно до јуни.

Има најави дека во мај ќе се рестартира Бундеслигата, како прв шампионат од посилните, односно од Топ-5, каде што ќе продолжи сезоната што е прекината поради Коронавирусот.

Засега доаѓаше до повеќекратно пролонгирање на дел од најсилните лиги на планетата, а УЕФА најави дека треба да се направи напор сите домашни шампионати во Европа да се завршат до 30 јуни.

ФИФА пак има сосема спротивна тактика и им даде зелено светло на домашните федерации да ги завршат првенствата без одреден краен рок до кога треба да се спушти завесата за фудбалската сезона 2019/20.

 

- Оглас -

Најнови вести