На 27-ми април стартува новоформираната фудбалска Премиер лига на Канада, а првиот натпревар ќе се игра во Хамилтон, помеѓу Форг и Јорк.
Новата канадска лига ќе има седум тима и ќе биде шанса за канадските играчи да имаат поголем простор за напредок. Канада, САД и Мексико се домаќини на Светското првенство во 2026 година, па Канаѓаните имаат седум години да напредуваат и да направат национален тим кој нема да биде „топовско место“ на Мундијалот. Канада не е фудбалска нација и играла на СП само во 1986 година.
Сезоната ќе трае од април до октомври, а секој тим ќе мора да има барем шест Канаѓани во почетниот состав, додека клубовите ќе може да пријават најмногу до седум странски играчи.
Канада има седум свои тима во хокеарската НХЛ-лига, еден во бејзбол МЛБ-лигата и еден кошаркарски тим во НБА. Торонто, Ванкувер и Монтреал се трите фудбалски екипи кои се натпреваруваат во добро познатата МЛС-лига и тие нема да играат во канадската Премиер лига, во која идејата е да се развиваат талентите и да се зголеми интересот.
Географската положба на градовите во кои се тимовите може да биде проблем, бидејќи од островот Ванкувер, каде што ќе игра Пасифик, до Нова Шкотска, каде што игра клубот Вондерерс, има дури 4.476 километри (со авион побрзо се стигнува од Лондон до Торонто).