Канада остана без селекторот со кого постигна историски успех

Англискиот фудбалски стратег Џон Хердман одлучи да си замине од селекторското место во репрезентацијата на Канада. Причина за заминувањето е одлуката на стратегот да продолжи во клупскиот фудбал. Хердман е назначен за нов тренер на тимот на Торонто, кој се натпреварува во американската МЛС.

Хердман дури 12 години работеше во канадскиот фудбал. Од 2011 до 2018 година беше на чело на женската фудбалска репрезентација, а потоа ја презеде машката селекција. Предводени од англискиот стратег, фудбалерите на Канада успеаја да се пласираат на Светското првенство во Катар, нивен прв настап на Мундијалот по 1986 година. Во Катар загубија на сите три меча од групната фаза.

„Лично мислам дека ова е вистинско време да прифатам нов предизвик“, рече Хердман. Торонто моментално е на последното место во Источната конференција во МЛС и има само 19 бодови во 26 натпревари. Сигурно е дека Торонто нема да игра во плејофот, и тоа трета година по ред.

 

- Оглас -

Најнови вести