Канатларовски: „Можевме многу повеќе во овие квалификации, но на некои натпревари немавме среќа“

Активности во септемврискиот прозорец на ФИФА ќе има и репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година. Селекторот Драги Канатларовски вели дека Македонија можеше и повеќе во овие квалификации, но едноставно среќата ни го сврте грбот, а шанса за настап против Холандија и Гибралтар ќе добијат фудбалерите кои имаат право на настап и во следниот циклус.

„Сигурно е дека можевме многу подобро и повеќе да направиме во овие квалификации од досегашниот учинок. На одредени натпревари едноставно среќата и не беше наш сојузник, но нема простор за изговори, пред нас се нови два квалификациски меча на кои треба да се покажеме во добро светло. Одлично го стартувавме овој квалификациски циклус, остваривме тешка победа над силниот противник, селекцијата на Шведска, на гостински терен. Во второто коло го одигравме најдобриот натпревар во овие квалификации против фаворитот во групата, Холандија, меч во кој пропуштивме многу шанси, а тоа на крајот противникот го искористи и нè казни за многуте промашувања. Оваа селекција не располага со широк фонд на играчи, а тоа најмногу се одрази на дуелите со Молдавија и Грузија, каде што одигравме под своите очекувања и забележивме два пораза. На одредени моменти не успеавме да покажеме поголема трпеливост, а ни недостигаше концентрација и смиреност во завршницата на нападите. Во следниот период нè очеуваат нови два натпревари против Холандија и Гибралтар. Првиот против фаворитот во групата на гостински терен е најтешкиот меч што нè очеува во овие квалификации. Нема предавање, подготвени сме да се бориме и да одиграме уште еден добар и квалитетен дуел како првиот меѓусебен во Скопје, во рамките на второто коло од квалификацискиот циклус. Што се однесува до Гибралтар, на тој меч ситуацијата е сосема различна. Фаворити сме и од нас се очекува победа. Во наредните натпревари ќе им биде дадена можност и на нови млади фудбалери, кои ќе имаат можност да настапуваат за оваа селекцијата и во следниот квалификациски циклус што нè очекува“, вели селекторот Драги Канатларовски.

Собирот на младата репрезентација е на втори септември, додека гостувањето во Холандија е на петти, а на Гибралтар четири дена подоцна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести