Капитенот на Осасуна со жестоки обвиненија: Суперкупот стана натпреварување за да играат Реал и Барселона во финалето

Барселона со 2:0 ја победи Осасуна и се пласира во финалето на Суперкупот на Шпанија, каде што во борба за трофејот ќе игра против вечниот ривал Реал Мадрид. Осасуна му даде силен отпор на каталонскиот гигант, а клучниот момент на средбата се случи во 59-тата минута, кога Роберт Левандовски погоди за 1:0.

По постигнувањето на овој гол, играчите на Осасуна реагираа дека имало фаул на Кристенсен врз Арнаиз, но по прегледување на повторената снимка, судиите во ВАР собата решија дека немало прекршок и дека голот е регуларен.

По средбата, остро реагираше капитенот на Осасуна, Давид Гарсија, кој рече дека останатите клубови немаат шанса во дуелите со Барселона и Реал Мадрид затоа што судиите имаат посебен „попуст“ за овие гиганти.

„Имаше многу такви ситуации како таа за голот и сите беа во корист на Барселона. Сите го видоа тоа. Според мене, тоа беше фаул. Не сакам да се жалам, ама убаво се виде. Заслуживме повеќе, но не можеме да се бориме против тие работи. Требаше веднаш да си отидеме дома. Суперкупот стана натпреварување за да има финале меѓу Барселона и Реал Мадрид, ние останатите тука сме само процедуларно“, луто коментираше Гарсија по поразот од Барселона.

Финалето во Суперкупот, кое ќе биде уште едно Ел Класико, ќе се игра в недела, во Ријад.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести