Манчестер јунајтед има серија од три победи по ред, кои го искачија на четвртата позиција на табелата во Премиер лигата, но привремениот тренер на Црвените ѓаволи, Мајкл Карик, вели дека не се задоволуваат со толку и сакаат повеќе.
„Кога победите доаѓаат на ваков начин, чувството е повеќе од три бода. Тоа чувство се пренесува на сите. Заслугата е на момците. Знаевме дека против Фулам ќе биде тешко, тие се многу добар тим и требаше да одговориме на многу прашања. Да продолжиме да се бориме и да најдеме победнички гол во последните моменти. Важно е да пристапуваме кон секој нареден натпревар посебно. Утре можеме да бидеме подобри од тоа што бевме денес. Сè уште има многу што да покажеме во различни аспекти на играта. Заедно сме само три недели, работиме на одредени работи и се обидуваме да се подобриме. Целта беше да најдеме начин да победиме. Трите последовни победи се добри, но ние сакаме повеќе“, рече Карик по триумфот над Фулам.
Манчестер јунајтед до крајот на сезоната ќе се сконцентрира само на Премиер лигата бидејќи беше елиминиран од сите останати натпреваруња, но јасно е дека ќе ја заврши сезоната без трофеј, со оглед на фактот дека има заостанување од 12 бода зад лидерот Арсенал.

