Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ќе ја предводи репрезентацијата на Србија во дуелот против Шпанија во Валенсија во Дејвис купот, но кај Црвената фурија ќе го нема нивниот најдобар поединец Карлос Алкарас.
„Очекував дека ќе играм против него. Тој е тенисер кој многу го почитувам, секогаш кога играме еден против друг, натпреварите се многу тешки. Карлос е неверојатен и како личност и како тенисер“, коментира Ѓоковиќ, кој додаде дека Шпанија има голема традиција и по Рафаел Надал, сега го имаат Алкарас.
Во отсуство на повредениот Надал и Алкарас кој реши да одмори, прв адут во шпанскиот Дејвис куп тим ќе биде Алехандро Давидович-Фокина, тенисер со кого Ѓоковиќ е пријател и често тренираат заедно во Марбеља во последните две-три години.