Малото каталонско дерби, како што се нарекуваат дуелите на Барселона и Жирона, заврши со неочекувана победа на помалиот клуб од Каталонија. Жирона успеа да слави со 2-1 и тоа со пресврт, но победничкиот гол на Белтран во 87-мата минута повторно ќе предизвика лавина од реакции во Шпанија.
Пред додавањето за голот, Ечевери го нагази Кунде, но за судиите, а потоа и за ВАР тоа не беше фаул, па голот на Белтран беше признат, а тоа предизвика протести од фудбалерите, но и од клупата на „каталонците“.
Претходно, Барселона дојде во водство преку Кубарси во 59-тата минута.
Сепак, радоста на Барселона траеше само 150 секунди, бидејќи Лемар во 62-рата минута израмни на 1-1.
Во првиот дел немаше голови, но пред се благодарение на Ламин Јамал, кој во последната минута од првиот дел не успеа да погоди од пенал, а неговиот удар заврши само во стативата.
По 24-тото коло во Ла Лига, лидер на табелата е Реал Мадрид со 60 поени, два повеќе од Барселона.

