Тренерот на Струга Трим Лум, Ќатип Османи, по натпреварот против ерменски Пјуник кој македонскиот првак го доби со 2-1, кажа од што е задоволен, а од што незадоволен после победата на овој дуел игран во Охрид.
„Добро го започнавме натпреварот, постигнавме гол во првите 15 минути од натпреварот, што беше и наша цел, но потоа дојде до пад, до крајот на првото полувреме не се пронајдовме како тим, бевме многу збунети. Но, во вториот дел го сменивме системот на игра, мислам дека и замените дадоа резултати, предноста е мала, но сепак е предност, и мора да ја цениме и да ја искористиме“ – изјави Османи, кој врз основа на шансите во второто полувреме, смета дека победата можела да биде и поубедлива.
„Врз основа на она што го прикажавме во вториот дел, мислам дека заслуживме можеби уште подобар резултат, при 2-1 имавме неколку шанси, но среќата не беше на наша страна“, додаде Османи.
Реваншот е за шест дена во Ереван.
„Мораме да бидеме оптимисти за реваншот во Ереван, водство е водство, макар и минимално. Гол-разликата не значи дека излегуваме таму да се браниме и играме тотална одбрана. Има уште 90 минути, мора да бидеме паметни и да излеземе на терен за да победиме“ – заврши тренерот на стружани.