Ќе букне уште поголем срам – Валенсија под закана го доигра мечот со Кадис

Фудбалерите на Валенсија морале да го доиграат мечот со Кадис вечерва, по големиот инцидент и навредите на расна основа насочени кон Муктар Дијакаби, откако официјалните лица и раководството на Ла Лига им се заканиле дека ќе загубат со службен резултат.

Шпанскиот репрезентативец Хозе Гаја откри дека тој и соиграчите морале да се вратат на терен откако го напуштија во 32-рата минута, во знак на поддршка кон Дијакаби.

По половина час игра и при резултат 1:1, Дијакаби и домашниот играч Кала имаа дуел во шеснаесетникот на Валенсија, а потоа видно изнервиран Дијакаби го бркаше противничкиот играч по терен и за малку беше избегната и физичка пресметка.

Играчите на двата тима реагираа навремено, а потоа Дијакаби се пожали дека бил навредуван вербално од Кала на расна основа. Гостите го напуштија теренот, но се вратија, а Гаја изјави дека тоа било и поради заканата дека ќе загубат со службен резултат ако не го доиграат натпреварот.

Дијакаби, кој одби да продолжи, ги молел соиграчите да се вратат на терен и да продолжат со настапот на „Рамон де Каранца“ во Кадис.

Мечот заврши со победа на домаќините од 2:1, но по откритието на Гаја и на играчите на Валенсија, се чини дека мечот ќе има и трето полувреме.

Од Валенсија објавија дека го доиграле мечот за да ја спасат честа на клубот, но и најавија дека ќе му помогнат на Дијакаби за да се докаже дека бил навредуван на расна основа.

 

- Оглас -

Најнови вести