Ќе игра ли Ибрахимовиќ во најважниот меч од сезоната за Милан?

Милан е единствениот тим во Топ 5 лигите во Европа што нема ниту еден пораз сезонава и заслужено е лидер во Серија А. Росонерите имаат освоено 37 бода од 15 натпревари, што е рекорден клупски биланс за овој дел од сезоната, откако во Италија се доделуваат три бода за победа.

Сепак, допрва следува борбата за титулата во италијанското првенство затоа што веднаш зад Милан е градскиот ривал Интер, а тука се и Рома, Наполи и, секако, шампионот Јувентус. Следниот предизвик за Росонерите е можеби и најголемиот што ќе го имаат сезонава. Играат против Јувентус, клубот кој ги освои последните девет титули во Серија А.

Мечот се игра в среда на „Сан Сиро“, а најголема дилема кај домаќините е дали во составот ќе биде првата ѕвезда Златан Ибрахимовиќ. Шведскиот голгетер беше ставен на листата на повредени на 22 ноември и повеќе од еден месец е отсутен од теренот.

Најавите беа дека Ибрахимовиќ ќе се врати на почетокот од новата година, но го немаше на синоќешниот дуел против Беневенто. Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, потенцираше дека сака да го види Ибрахимовиќ 100 отсто здрав и подготвен и дека не сака да форсира за негово враќање на теренот затоа што не сака да ризикува повторно нова повреда на Ибра доколку не е целосно заздравен и подготвен за настап.

Ибрахимовиќ најавува дека сака да биде дел од дербито против Јувентус, но многу поверојатно е дека Швеѓанецот и ова дерби на „Сан Сиро“ ќе го гледа од трибините.

 

- Оглас -

Најнови вести