Гостиварецот Адмир Мехмеди е во фокусот на големиот проблем на Волфсбург што речиси сигурно ќе го елиминира учесникот во Лигата на шампионите од Купот на Германија, па победата против Минстер со 3:1 по продолженија ќе биде само пирова победа на Бундеслигашот.
Мехмеди беше шесттиот играч што влезе на теренот како замена во тимот на Волфсбург, што не е дозволено, бидејќи може да има само пет замени вкупно.
Швајцарскиот репрезентативец кој е роден во Гостивар, влезе во игра во 102. минута на местото на Филип, а Волфсбург потоа постигна два гола за победа против членот на регионалната лига, Минстер.
Во регуларниот дел беше 1:1, но сега веќе тоа не е ни важно и речиси сигурно Минстер ќе игра во второто коло и ќе го добие мечот со службен резултат.
Волфсбург беше четвртопласиран во минатото издание на Бундеслигата и обезбеди настап во Лигата на шампоионите во сезоната 2021/22.