На Светското клупско првенство во САД, Реал Мадрид ја искористи можноста да ги анализира своите играчи и да утврди кои од нив се вклопуваат во визијата на новиот тренер Чаби Алонсо, а кои ќе бидат ставени на трансфер-листа ова лето.
Иако Kралскиот клуб стигна до полуфиналето, таму доживеа тежок пораз од Пари Сен Жермен со 4-0, што ги разоткри сите слабости во тимот и покажа колку работа го чека Алонсо пред стартот на новата сезона.
Според шпанските медиуми, веднаш по враќањето во Мадрид, Чаби Алонсо разговарал со претседателот Флорентино Перес за составот. Алонсо изразил надеж дека ќе добие уште неколку нови засилувања, особено во средниот ред, иако клубот веќе ја зацврсти одбраната.
Сепак, со оглед на тоа што бројот на играчи во тимот е голем, Реал ќе мора да се раздели со дел од фудбалерите. Според весникот „АС“, Алонсо јасно му ставил до знаење на Перез кои играчи не влегуваат во неговите планови за сезоната 2025/26.
Шест играчи се отпишани и ставени на листа за продажба или позајмица: Давид Алаба, Ферлан Менди, Дани Себаљос, Родриго, Брахим Дијаз и Ендрик, единствениот кој нема да биде продаден, туку ќе биде испратен на позајмица.
Младиот Бразилец Ендрик не доби доволно минутажа минатата сезона поради присуството на Килијан Мбапе, а ситуацијата стана уште потешка со појавата на талентираниот Гонзало Гарсија, кој блесна на Светското клупско првенство. Затоа е донесена одлука Ендрик да замине на позајмица, за да добие шанса за развој и поголема минутажа.
Покрај овие шест имиња, клубот веќе се раздели со уште тројца играчи чиј договор истече: Лука Модриќ, Лукас Васкес и Хесус Ваљехо.
Што се однесува до засилувањата, Реал досега ги донесе Трент Александер-Арнолд, Дин Хујсен, Франко Мастантуоно. Сепак, се очекуваат уште неколку трансфери во Мадрид, до крајот на преодниот рок.