Францускиот спортски магазин „Франс фудбал“ воведува две нови награди на овогодишното издание на Златната топка. Од оваа година и најдобрата фудбалерка ќе добие Златна топка, а ќе има и Копа трофеј, кој ќе се додели на најдобриот фудбалер помлад од 21 година.
За наградата за најдобар млад играч ќе гласаат 33 освојувачи на Златната топка, меѓу кои се и рекордерите во сениорска конкуренција, Лионел Меси и Кристијано Роналдо. За наградата во женска конкуренција ќе гласаат фудбалски новинари кои се експерти во женскиот фудбал.
На овој начин се рашири „семејството“ на престижни награди на францускиот магазин, чие доделување на оваа награда датира од 1956 година и со тек на времето се наметна како најпосакувана награда која може да ја добие една личност. Добитниците на овие награди ќе се дознаат на трети декември годинава.