Ќе почекаат за титулата: Несторовски го најави, Фофана го потврди шокот против фаворитот (видео)

Јувентус ја пропушти првата прилика математички да ја обезбеди 36-тата титула во Серија А, односно деветтата во низа по поразот кај Удинезе при конечни 2-1. Зебрите покажаа цврстина и организираност против актуелниот првак и не му дозволија да ги освои трите бода на „Дачија арената“, иако доминираа во поголемиот дел од средбата.

Илија Несторовски го оправда изборот на тренерот Лука Готи да го пушти на теренот од првата минута. Македонскиот репрезентивец одигра на ниво, а од неколку шанси кои ги имаше за да постигне гол, искористи само една. Се играше 52-рата минута кога Нестор со глава го совлада Шченсни и донесе израмнување за домаќините.

Тимот на Маурицио Сари претходно во првото полувреме поведе преку Де Лихт, кој постигна фантастичен гол од далечина, меѓутоа тоа не беше доволно за триумф и потврда на новото Скудето. Во втората минута од судиското надополнување, Фофана во соло-продор изгради простор за удар и го насамари Шченсни за остварување на големиот пресврт против фаворитот.

Јувентус на три кола до крајот на првенството, остана на 80 бода, шест повеќе од второпласираната Аталанта, додека пак Удинезе дојде до 39-тиот бод и ја зголеми предноста на седум бода во однос на Лече и се искачи на 15-тото место на табелата.

- Оглас -

Најнови вести