Фудбалската репрезентација на Англија, на 23-ти септември на „Вембли“ ќе игра против Германија во Лигата на нации, и тоа ќе биде прв спортски настан после 70 години, на кој Англичаните ќе треба да ја пејат химната „Господе, чувај го кралот“.
Смртта на кралицата Елизабета значеше и крај за верзијата „Господе чувај ја кралицата“ како национална химна на Велика Британија. Мелодијата останува иста, но ќе има мала промена на текстот. Во секој дел каде што се спомнуваше кралицата, сега ќе се пее за кралот.
Претходно текстот се менуваше во далечната 1952 година, кога почина кралот Џорџ Шести, па круната ја презеде неговата ќерка Елизабета Втора. Се чини дека уште долго во химната нема да се пее за кралица, бидејќи сега крал ќе стане Чарлс, а наследници се принцот Вилијам и неговиот син Џорџ.