Кејн му прави проблеми на Мурињо во пресрет на два важни натпревари

Тотенхем утре гостува во Пашинг, каде што во мечот против ЛАСК Линц ќе треба да осигури пласман во нокаут-фазата од Лигата на Европа, а Жозе Мурињо поради повреди се мачи да состави здрава екипа.

Голема мака за Специјалниот е отуството на Хари Кејн, за кого не сакаше да ја открие повредата, но Мурињо сепак се надева дека ќе биде во конкуренција за дербито против Арсенал во недела. Повредени се уште бекот Регилон и втората опција за напаѓач, Карлос Винисиус, додека Ламела веќе пропушти пет натпревари поради повреда на листот.

„Кејн, Винисиус, Регилон и Ламела, сите се повредени. Не би сакал да ја откријам повредата на Кејн, но оптимистичен сум дека до недела ќе закрепне. Можеби и Регилон дотогаш ќе се врати во тимот, но не и Ламела“, посочи Мурињо.

Петлите во недела ќе играат второ градско дерби во низа откако пред три дена ремизираа без голови на „Стемфорд бриџ“ против Челзи и ја задржаа челната позиција во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести