За фудбалската репрезентација на Словенија пласманот во осминафиналето на Европското првенство е најголем успех во нивната историја бидејќи досега никогаш не ја поминуваа групата, а беа блиску и до историско четвртфинале.
Селекторот Матјаж Кек, кој беше исклучен по една реакција кон судиите, рече дека е горд на својот тим, а истовремено и тажен што испаднаа на пенали.
„Кога ќе изгубите, постои одредено жалење, не може да бидете среќни. Поразите не се слават. Ова беше вистински натпревар со несреќен крај за нас. Горд сум што водам момци со карактер. Кај мене е големо задоволството што фудбалот повторно се врати во Словенија, се надевам дека овој турнир ќе биде почетна точка за подобра иднина на словенечкиот фудбал“, изјави Кек, кој им честиташе на Португалците, за кои смета дека покажале дека знаат да победуваат на пенали.