Кевин Дурант го надмина Шекил О’Нил, Стеф Кари испишува нови рекорди

Осум интересни меча се одиграа ноќеска во НБА-лигата, а Бостон го доби дербито против Милвоки со 122:119. Гостите беа без Јанис Адетокумбо, но одлично му парираа на тимот, кој има најдобар биланс во лигата сезонава. Кога се решаваше победникот, Пејтон Причард постигна 10 поени во последната четвртина и беше адутот на Бостон, за кого ова е седма победа по ред. Бостон сезонава нема ниту еден пораз на домашен терен од ривал од Источната конференција.

Стеф Кари петти пат во кариерата ја надмина бројката од 300 погодени тројки во една сезона. Предводникот на Голден стејт постигна четири тројки во убедливата победа над Мемфис од 137:116.

Оваа ноќ е за паметење и за Кевин Дурант. Неговиот Феникс беше подобар од Филаделфија, а тој постигна 22 поена, што беше доволно да го надмине легендарниот Шекил О’Нил по бројот на постигнати поени во НБА-кариерата. Дурант сега има 28.610 поени во НБА-лигата и пред него се само седуммина играчи во историјата. Вилт Чемберлен со 31.419 поени е на седмото место на оваа листа и е следен предизвик за Дурант.

Резултати: Кливленд – Мајами 104:107, Детроит – Индијана 103:122, Бостон – Милвоки 122:119, Торонто – Сакраменто 89:123, Оклахома – Јута 119:107, Голден стејт – Мемфис 137:116, Феникс – Филаделфија 115:102, Портланд – ЛА клиперс 103:116.

- Оглас -

Најнови вести