КФСМ во финалето сами го прекршија прирачникот што им беше како оправдување зошто немаше навивачи на вечното дерби во полуфиналето

МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш покажа дека е клубот кој повеќе од една деценија доминира во македонската кошарка, па во витрините на тимот од „Јане Сандански“ пристигна уште еден трофеј, тој од Купот на Македонија.

Во финалето, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, во неизвесна завршница, аеродромци го победија домаќинот Пелистер со 62:60. Околу 4.000 домашни навивачи останаа разочарани, а околу 50-тина фанови на МЗТ Скопје Аеродром ја имаа честа да се радуваат. Тоа беа најверните навивачи на „Family Aerodrom“ кои специјално за финалето пристигнаа во Битола и влегоа во салата на почетокот на втората четвртина.

За време на финалето немаше никакви инциденти, што е само доказ дека и кога има противнички фанови на трибините, може да биде мирно. Финалето изгледаше убаво за гледање, како поради неизвесноста до последната секунда, така и поради исполнетите трибини со домашни навивачи, но секако за да не биде „приватна забава“ се погрижија и 50-тината гостинските навивачи кои беа присутни.

Е сега, чудно е како на навивачите на МЗТ Скопје Аеродром им беше дозволено да бидат дел од финалето, посебно затоа што КФСМ и организаторот Пелистер во саботата цврсто ги бранеа своите ставови дека правилно постапиле кога не дозволија на трибините да има скопски навивачи за вечното дерби меѓу МЗТ и Работнички. Од Пелистер се жалеа дека немале време да реагираат за да примат гостински фанови, а во саботата, од КФСМ дури испратија и соопштение во кои посебно го потенцираа Правилникот за натпреварување во кошаркарскиот куп и го потенцираа извадокот: „Гостинскиот клуб кој учествува на кошаркарскиот натпревар должен е: Да ја извести КФСМ и клубот организатор на натпреварот за организираното доаѓање на неговите навивачи, најдоцна 72 часа пред почетокот на кошаркарскиот натпревар;

Е поради тој дел што во саботата го потенцираа, немаше дозвола МЗТ и Работнички да имаат свои навивачи на полуфиналето, а неполни 24 часа подоцна од КФСМ и организаторот Пелистер решија сами да го прекршат правилникот. За финалето на трибините во салата „Боро Чурлевски“ се појавија најверните навивачи на МЗТ Скопје Аеродром иако тие за финалето се најавија само 24 часа пред мечот, односно веднаш по победата над Работнички, што е далеку помалку од предвидените и бараните од КФСМ 72 часа пред меч.

Овој Куп на Македонија го спасија само играчите на МЗТ и Пелистер со интересното и неизвесно финале, како и полната сала во финалето.

На КФСМ им останува да размислат за тоа правило да се пријават гостински навивачи на 72 часа пред почеток на мечот, кога во Битола во Купот, МЗТ и Пелистер одиграа три меча за тие 72 часа. Гледајќи го финалето, веројатно ќе сфатат дека кошарката е најпривлечна кога се игра пред полни трибини како што беше во финалето.

- Оглас -

Најнови вести