Јувентус гостуваше во Норвешка и победи со 2-3 кај Бодо/Глимт, но членот на раководството на Старата дама, Џорџо Кјелини, се соочил со несекојдневен проблем. Тој полетал за Норвешка на денот на натпреварот со приватен авион, но поради лошото време на северот од Европа, неговиот авион слетал во Шведска, на 400 километри од Бодо.
Единствениот начин да стигне на натпреварот било со такси, а целото патешествие го раскажа таксистот кој ги превезувал Кјелини и неговиот сопатник.
„Не следам фудбал, па ова возење и не го доживувам како нешто посебно. Само ми кажаа дека треба да возам некои луѓе од Јувентус. Кога ги зедов, само седнаа во автомобилот. Тој, Италијанецот Кјелини, не зборуваше многу. Кога стигнавме во Бодо, ме прашаа дали сакам да останам и да го гледам натпреварот, но не сакав. На подарок ми дадоа шише вино бидејќи стигнавме навреме да не го пропуштат натпреварот, а платија сметка за таксито од 900 евра“, рече таксистот.

